евроинтеграции

Се работи на решение како по уставните промени да се спречи нова блокада од Бугарија

08.10.2024 14:31

По предлог-уставните измени со одложено дејство, Брисел не гледа со голем оптимизам, но не ги ни отфрла – вели вицепремиерот за европски прашања Муртезани. Даде отчет, за 100 дена на функцијата...

Брисел не е оптимист, но и не го одбива предлогот за уставни промени со одложено дејство по членството во Унијата, вели министерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Орхан Муртезани. Се работи на решение како по уставните промени да се спречи нова блокада од Бугарија, оти во протоколот за договорот за добрососедство и пријателство постојат механизми што го овозможуваат тоа. Новиот план нема да се открие додека не поминат изборите во Бугарија, за да се осигура дека ќе биде прифатливо и за новата влада во Софија.

И СДСМ е подготвен да поддржи стратегија којашто ќе значи подобрување на позициите и продолжување на европскиот пат на државата, но нема да прифати празни ветувања, блокада на процесите и манипулирање на јавноста, велат од опозициската партија.

Владата ќе испрати писмо до сите европски институции со новите решенија, со кои ќе се исполни условот за уставни промени, но и ќе се добијат гаранции од ЕУ дека нема да има нова блокада од Бугарија.

И покрај одвојувањето од Албанија за отворање поглавја, главниот преговарач Муртезани смета дека има шанси да ја стасаме до крајот на годинава и да продолжиме заедно во истиот бран за проширување.

 

 

Ирина Гелевска