Мендух Тачи го напушти Европскиот фронт
Лидерот на ДПА и пратеник, Мендух Тачи повеќе не е дел од Европскиот фронт. Иако го напушти опозицискиот блок, неговите доскорешни партнери немаат потврда дека тој ќе дејствува надвор од пратеничката група...

Пратеничката група на опозицискиот албански кампус спадна на 17 пратеници во Собранието, откако лидерот на ДПА Мендух Тачи и официјално потврди дека повеќе не е дел од Европскиот фронт. Тој вели ќе остане независен пратеник, во моментов не најавува приклучување на ниту една коалиција, а ќе делувал опозициски.
Од партијата на Ахмети со став дека Европскиот фронт по разделувањето со ДПА останува со збиени редови. Пратеничката група функционира во полн состав-тврди Арта Биљали-Зендели. Не очекува нови прелевања на пратеници.
„Што се однесува дали ќе има и други протекувања од ЕФ тоа што го кажува Меџити по телевизиите, мислиме дека одговорен и одговорност за ова што ќе се случува во Европскиот Фронт сносат лидерите на политичките партии на ЕФ и самите пратеници, а не тие што од надвор се обидуваат да наметнуваат тези во јавноста. Нови најави? Засега не“ , изјави Арта Биљали - Зендели.
Од ВРЕДИ со став, напуштањето на ДПА и Мендух Тачи на Европскиот фронт е почеток на распадот на коалицијата, додавајќи дека партиите не се споиле идеолошки, туку за да опстанат на политичка сцена. Од македонскиот политички блок не сакаат да ги коментираат случувањата во Европскиот фронт и да се мешаат во внатрешните работи на ДУИ.
Интегративците полека, но сигурно, се навикнуваат да бидат во опозиција, вели премиерот Мицкоски. Им порача што поскоро да се реформираат, за да може да го пронајдат својот програмски идентитет.
Марина Стојанова-Тонева
