Мерките ја држат стабилна инфлацијата
Според министерот Дурмиши, со есенската кошничка домаќинствата заштедиле од 600 до 1.200 денари, 70-тина прехранбени производи биле поевтини од пет до десет проценти, но има и продукти коишто не се намалени...

Мерките ја држат инфлацијата стабилна на 2,6 проценти, во спротивно би била многу повисока. Според министерот Дурмиши, со есенската кошничка домаќинствата заштедиле од 600 до 1.200 денари, 70-тина прехранбени производи биле поевтини од пет до десет проценти, но има и продукти коишто не се намалени.
Со Законот за нефер трговски практики ќе има и дополнително намалување, вели министерот. Ефектите би требало да се почувствуваат кон крајот на месецов откако трговците ќе ги потрошат резервите и ќе почне со работа Комисијата за заштита од конкуренција, која е во фаза на реорганизација.
Граѓаните велат дека стандардот не ги следи цените. Досега се извршени 500-тини контроли, изречени се 30 казни во вредност од над 4 милиони денари.
Според Државниот завод за статистика, цените на мало во септември се зголемиле за 3,3 проценти. Една третина од домашниот буџет граѓаните трошат за храна и пијалаци.
На првата седница на Социоекономскиот совет в четврток ќе се најде и покачувањето на минималната плата, најави министерот Дурмиши. Ако има предлози, ССМ треба да ги достави, во однос на нивните забелешки дека досега ништо не било направено. Премиерот, пак, вели дека тие се една од ретките институции кои се политички инструирани.
Синдикатите очекуваа власта во првите сто дена да го исполни нивното барање за 450 евра минимална плата.
Александра Велинова
