Митева и Љатифи Азизи избрани за портпароли на Владата
Марија Митева и Венера Љатифи Азизи избрани за портпароли на Владата. Наум Стоилковски е именуван за Советник за комуникации и односи со јавност...
Денеска се одржа 25-тата владина седница на која се избраа портпароли на Владата на Република Северна Македонија. За портпарол на Владата е избрана Марија Митева. По професија е дипломиран правник на Универзитетот Св. Кирил и Методиј - правен факултет Јустинијан I, со магистратура по деловно право и положен правосуден испит.
На професионален план, Марија поседува богато работно искуство во правната и политичката сфера, со повеќе од 10 години прогресивно работно искуство. Нејзината професионална историја вклучува позиции како советник за правни работи во Владата, како и советник за нормативни работи во Град Скопје. Во изминативе години активно се занимава со политика, што резултираше со нејзин избор за пратеник во Собранието каде беше вклучена во креирањето и разгледувањето на значајни закони и политички одлуки кои влијаат на иднината на државата.
За портпарол на Владата е назначена и Венера Љатифи Азизи. Таа е поранешна уредничка и новинарка во Радио Слободна Европа во Прага, уредничка во новинската агенција МИА, уредничка и водителка во Алсат М Телевизија, уредничка во весникот КОХА, А1 Телевизија, и други медиуми во земјата. Актуелно вработена во кабинетот на градоначалникот на Општина Чаир како одговорно лице за односи со јавноста и за поддршка на градоначалникот. Дипломиран политиколог во Универзитетот на Југоисточна Европа. Актуелно магистрант по дипломатија и меѓународни односи на тема „Улогата на дипломатските претставништва и евроатланските интеграции на Северна Македонија“. Мажена, мајка на две деца.
Наум Стоилковски е именуван за Советник за комуникации и односи со јавност задолжен за координација на портпароли.
