Македонија

Објавен извештајот од вонредниот надзор на клиниките каде се третирало 14-месечното дете

08.10.2024 18:11

Здравствените инспектори го објавија извештајот од вонредниот надзор на клиниките каде медицински се третирало 14-месечното дете кое почина. Го соопштија патот по кој медицински било третирано од здравствените институции. Дали имало лекарска грешка, стручната комисија ќе соопшти за осум дена …

Повраќање и гадење биле првичните симптоми поради кои уште минатиот понеделник родителите го однеле 14-месечното дете на преглед кај матичен лекар. Уште истиот ден побарале лекарска помош и на Детската клиника поради влошување на симптомите. Здравствените инспектори го објавија извештајот по вонредниот надзор.

Наведуваат дека дежурниот лекар препишал терапија со укажување детето да го донесат на контрола на клиниката. Следната посета кај матичен лекар била по три дена. Родителите ги упатил на Детска клиника.

По лабораториските анализи и рендген-снимки, дадена е терапија, а детето е пратено на домашно лекување со пропишана терапија.

Наредниот ден родителите самоиницијативно го однеле детето во „Козле“. Со акутен бронхит, било задржано на лекување. Состојбата му се влошила, било поставено на кислородна поддршка. Не одговарало на терапијата, а поради прогресивното влошување на состојбата во текот на ноќта, префрлено е на Клиниката за детски болести.

„Поради прогресивно влошување на состојбата без одговор на дадената терапија, со прогресивен пад на кислородна сатурација, со клиничка и лабораториска слика на тежок респираторен дистрес, дежурните доктори стапиле во контакт со Итната медицинска помош и со дежурен доктор на Клиниката за детски болести и во 3 часот и 20 минути со возило на брзата помош пациентот е префрлен на Клиниката за детски болести“, велат од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Таму било хоспитализирано во исклучително тешка состојба со отежнато дишење, но и покрај обидите на лекарите за реанимација, детето починало неполн час по приемот.

Телото е предадено на обдукција. Документација од надзорите ќе биде доставена до стручната комисија од Министерството за здравство. Треба да дадат одговор дали детето ги добило потребните здравствени прегледи и лекарите при третманот постапиле согласно протоколите. Комисијата најдоцна за осум работни дена треба да го изготви извештајот.

Андријана Ѓурческа