Блиски исток

Израел напаѓа, Хезболах жестоко возвраќа

08.10.2024 18:50

Од кабинетот на Нетанјаху велат дека војската ќе стави крај на заканата на Хезболах, а војната ќе заврши кога целите ќе бидат постигнати.

Израел ги продолжи нападите во Либан и во Појасот Газа, милитантните групи возвраќаат. Хезболах изврши најжесток удар досега со над 100 ракети истрелани кон Хаифа. Погодени се станбени згради, а има и повредени цивили.

„Цел сме на многу ракети од Хезболах. Следните недели ќе бидат предизвикувачки, зошто градот не е евакуиран“, изјави Рами Шалмон, Командант на цивилна одбрана.

Од кабинетот на Нетанјаху велат дека војската ќе стави крај на заканата на Хезболах, а војната ќе заврши кога целите ќе бидат постигнати.

„Само денеска Хезболах истрела 135 ракети, беспилотни летала и проектили кон Израел. Одбраната ќе стави крај на оваа закана. Војната ќе заврши кога ќе ги постигнеме сите наши цели-ќе го собориме Хамас, ќе ги вратиме нашите заложници, и нашите жители на југ и на север“, вели Дејвид Менсер, портпарол на израелската влада.

Хезболах тврди дека уште повеќе Израелци ќе бидат раселени откако ќе го прошират својот ракетен оган подлабоко во Израел. Во однос на дипломатското решение, велат дека нема простор за какви било разговори без прекин на огнот.

„Нетанјаху вели дека сака да ги врати доселениците на север, ние му велиме-бројот на раселени ќе се удвои. Откако ќе се воспостави прекин на огнот и ќе интервенира дипломатијата, ќе се разговара за сè друго и ќе се донесат сите одлуки. Нема простор за какви било разговори без прекин на огнот“, изјави Наим Касем, в.д. лидер на Хезболах.

Израелската војска соопшти дека ја зазеле борбената позиција на Хезболах во јужен Либан додека ги проширува операциите на запад. Ликвидиран е и шефот на логистиката на милитантите, Хусеин Хусеини, клучна улога во трансферот на оружје. По се погласните изјави за можниот израелски одговор на нападот од Иран, Техеран со закана-немојте да ја тестирате нашата волја.

„Доколку биде извршен каков било напад врз нашата земја, нашиот одговор ќе биде помоќен од претходно. Политиката на Иран е да го поддржи отпорот“, рече Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.

Од Вашингтон со став, време е да се постигне договор за прекин на огнот во Појасот Газа. Директорот на ЦИА, Барнс верува дека ниту Израел ниту Иран не сакаат општ конфликт, но постои висок ризик од погрешна процена. Во истовреме во Стразбур дебата на Европскиот парламент за војната на Блискиот Исток. Членовите со различни перспективи.

Бојана Крстевски