Финансиските зони треба да отворат нови работни места

16.07.2014 20:11

Преку даночни олеснувања финансиските друштва ќе се мотивираат да ги префрлат администрацијата и компаниските седишта во земјава.

Преку отворање меѓународна финансиска зона Македонија сака да овозможи отворање нови работни места и да поттикне креирање и развој на нови финансиски услуги. Преку даночни олеснувања финансиските друштва ќе се мотивираат да ги префрлат администрацијата и компаниските седишта во земјава.

„Целта е на еден простор од 10 или 20 хектари да се формира една финансиска меѓународна зона на која ќе се пресликаат законите од една од државите како што е Америка, Англија, Германија во делот на финансиите што дополнително треба да го зголеми кредибилитетот на оваа финансиска зона“ рече претседателот на Владата, Никола Груевски.

Дел од пратениците сметаат дека финансиските зони не се според регулативата на ЕУ и бараат поширока расправа.

„Да направеме експерименти, да направеме пошироки консултации“, рече Павле Трајанов.

„Дали тоа навистина ќе бидат некој даночен рај, дали ќе и донесат добро, или напротив лошо на Македонија“, рече Роза Топузова –Каревска од ЛДП.

Нема потреба од грижи затоа што во овие зони ќе важи токму регулатива од најразвиените земји на ЕУ, смета потпретседателот на Собранието Милошоски.

„Да овозможи формирање на меѓународна финансиска зона, во која што ќе важат посебни финансиски даночни правила и норми. Но истите треба да бидат усогласени со највисоките меѓународни стандарди“, рече Антоинио Милошоски.

Предлогот е позитивен и не треба да има никакви сомневања,порача премиерот Груевски затоа што ќе биде преземена регулативата токму од најразвиените земји кои се и најатрактивни за инвеститорите. Даночните стимулации ќе бидат дополнителен мотив финансиските друштва да ја изберат Македонија за идно седиште од каде ќе ги водат финансиските операции.

Свето Николовски