Македонија

ДКСК: Синот на премиерот Мицкоски во САД не патувал на државен трошок

09.10.2024 12:10

Синот на премиерот Мицкоски во САД не патувал на државен трошок, ниту бил дел од делегацијата која во Вашингтон во почетокот на јули учествуваше на Самитот на НАТО. Ова едногласно го потврди Антикорупциската комисија и ја запре постапката, отворена по допрен глас…

Синот на премиерот Мицкоски не бил дел од државната делегација што патуваше во Вашингтон на Самитот на НАТО и во Њујорк во почетокот на јули, ниту пак, за неговото патување и сместувањето биле трошени државни пари. Антикорупционерите едногласно донесоа одлука, постапката, отворена по нивна иницијатива, да запре.

По барање на Антикорупциската комисија од Владата, во законскиот рок од 15 дена им била доставена целосната документација-покани, патни налози и финансиска документација за авиобилетите и хотелското сместувањето на 21 член на владината делегација, како и авионските карти и сместувањето на синот на премиерот. Авиобилетите за патувањето во САД биле резервирани од владината служба за заеднички и општи работи, а по барање на кабинетот на премиерот и министерствата, а на списокот не било наведено името на синот на Мицкоски, констатираа антикорупционерите.

Пред три месеци СДСМ обвини дека синот на премиерот патувал со него во САД и побара да се објават приватните сметки од патувањето. Од ВМРО-ДПМНЕ им одговорија дека синот на Мицкоски не бил дел од официјалната делегација и дека сите трошоци се намирени приватно од семејството на Мицкоски.

Ваков случај со патување на свое дете имаше и пред две години, кога тогашниот премиер Димитар Ковачевски со својата ќерка беше во дводневна посета на Рим и Ватикан, за чествувањето на сесловенските просветители Кирил и Методиј.

Тогашната опозициска ВМРО-ДПМНЕ прашуваше, дали ќерката на Ковачевски отишла на товар на буџетот и врз основа на кои протоколи била дел од македонската делегација, на што Ковачевски тврдеше дека не се пречекорени протоколите и дека не е невообичаено државник да поведе по свој избор кој било член од семејството.

Милчо Велески