Андоновски: Ќе се зголеми опфатот на услуги во дигитална форма
Андоновски најави дека секој граѓанин ќе има пристап до административните услуги директно преку својот мобилен телефон...

Министерството за дигитална трансформација соочено со тужби од компании и поранешни вработени кои побаруваат над милијарда денари - откри министерот Андоновски. Тој се пожали и дека затекнале блокирани проекти и стара законска регулатива што им ги врзува рацете, но, најави дека ќе го зголемат опфатот на услуги што се нудат во дигитална форма.
Андоновски најави дека секој граѓанин ќе има пристап до административните услуги директно преку својот мобилен телефон. Во рамки на овој проект се работи на воведување на дигитална верзија на лични карти и возачки дозволи, познати како мобилен паричник (ID Wallet). Дигиталниот паричник ќе претставува револуција во начинот на кој граѓаните се идентификуваат и пристапуваат до услуги.
Андоновски најави и дека Министерството работи на целосен редизајн на порталот за услуги – uslugi.gov.mk.
„За кратко време ќе имаме обновен портал за услуги со изглед кој е поинтуитивен и полесен за користење, кој ќе понуди нови функционалности и пристапност за лицата со попреченост и нови услуги и ќе се осигураме дека тие одговараат на реалните потреби на граѓаните“, подвлече Андоновски.
Министерот за дигитална трансформација најави и 100 нови електронски услуги во 2025 година, достапни на порталот за услуги.
