Уставниот суд го укина „балансерот“
Уставниот суд на денешната 27-ма седница одлучи да го укине „балансерот“ – алатката за вработување според национална припадност во државните институции...

Уставниот суд на денешната 27-ма седница одлучи да го укине „балансерот“ – алатката за вработување според национална припадност во државните институции. Одлуката нема да важи ретроактивно.
„Станува збор за исклучително и исклучиво на уставно-правна анализа втемелена одлука. Затоа повторувам, со индигнација ги отфрлам било каквите обиди од било кого, на нашата одлука да ѝ се даде политичка, етничка или каква било друга етикета. Можам да кажам дека одлката е донесена со мнозинство гласови“, изјави на прес-конференција претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски.
Одлуката да поведе постапка за „балансерот“, Уставниот суд ја донесе на 18-ти септември, по седницата на која судиите расправаа дали со наведувањето на припадноста на заедницата, што е потребно за пополнување на секое работно место, на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно место, односно дали со „балансерот“ се нарушува начелото на стручност и компетентност и се повредува и уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување.
Уставниот суд истовремено ја замрзна употребата на „балансерот“ до донесување на конечната одлука. По ваквата одлука, Министерството за јавна администрација пред една недела донесе насоки за државните институциите како да постапуваат при вработувањата.
