Реакција

Мицкоски: Со одлуката на Антикорупциска се потврдија лагите на СДСМ, го осудија син ми без ниту еден доказ

09.10.2024 16:40

Синот на премиерот Мицкоски во САД не патувал на државен трошок, ниту бил дел од делегацијата која во Вашингтон во почетокот на јули учествуваше на Самитот на НАТО. Ова едногласно го потврди Антикорупциската комисија. Се потврдија лагите на СДСМ. Го обвинија Јован, му судеа и го осудија, без притоа да покажат ниту еден доказ. Виновен беше само затоа што е мој син, напиша на социјалните мрежи, премиерот Мицкоски...

Синот на премиерот Мицкоски не бил дел од државната делегација што патуваше во Вашингтон на Самитот на НАТО и во Њујорк во почетокот на јули, ниту пак, за неговото патување и сместувањето биле трошени државни пари. Антикорупционерите едногласно донесоа одлука, постапката, отворена по нивна иницијатива, да запре. По барање на Антикорупциската комисија, од Владата во законскиот рок од 15 дена им била доставена целосната документација, авиобилетите и хотелското сместувањето на 21 член на владината делегација, како и авионските карти и сместувањето на синот на премиерот. На списокот не било наведено името на Јован, синот на Мицкоски.

Со одлуката на Антикорупциската комисија се потврдија лагите на СДСМ. Го обвинија Јован, му судеа и го осудија, без притоа да покажат ниту еден доказ. Виновен беше само затоа што е мој син, напиша на социјалните мрежи, премиерот Мицкоски.

„Во моето однесување никогаш не сум прекршил закон, така и ќе продолжам. А ти синко, те молам да ми простиш, не си ти виновен што мора сето ова да го живееш. Заедно ќе живееме за да победиме за Македонија и никогаш повторно ова да не му се случува на ниту еден тинејџер во иднина“, напиша Мицкоски на Фејсбук.

Ваков случај со патување на свое дете имаше и пред две години, кога тогашниот премиер Димитар Ковачевски со својата ќерка беше во дводневна посета на Рим и Ватикан, за чествувањето на сесловенските просветители Кирил и Методиј. Тогашната опозициска ВМРО-ДПМНЕ прашуваше, дали ќерката на Ковачевски отишла на товар на буџетот и врз основа на кои протоколи била дел од македонската делегација, на што Ковачевски тврдеше дека не се пречекорени протоколите и дека не е невообичаено државник да поведе по свој избор кој било член од семејството.

Милчо Велески