Eшерихија коли го наполни штипското инфективно

17.07.2014 10:25

10-тина жители од штипското село Селце завршија на инфективното одделение. Лекарскиот наод констатира инфекција со Ешерихија коли, присутна во природните чешми во селото. За да се спречи ширење на инфекцијата, ЈП „Исар“ започна со хлорирање на водата...

Бактериолошки неисправна вода хоситализира десетина жители од Штипското село Селце. Станува збор за вода од природна чешма која, спротивно на препораките, жителите ја користеле за пиење.

„Мостри од водата се земени во два наврата и во двата случаја се покажа присуство на бактеријата ешерихија коли“, истакна примариус д-р Велик Грков, директор на Центар за јавно здравје – Штип.

Пациентите со потешка клиничка слика се задржани на болничко лекување, додека најмалку 50-тина овдешни жители заразата со ешерихија ја прележаа дома:

„Кога пиев од водата имав проблеми. Ме болеше стомакот. Најмногу проблеми имаа децата, но се разболеа и некои повозрасни жители“, велат жители од штипското село Селце

Ваквата состојба е резултат на убеденоста на жителите од Селце дека водата од водоводот со кој управува месната заедница, не е исправна за пиење.

„Јас се плашам да им давам на децата да пијат вода од водоводот. Оваа вода е само за миење и перење, не е за пиење. Вода пиеме од природните чешми“, велат овдешните жители.

За ваквите сомнежи да се отстранат, во иднина со водоводот ќе стопанисува  штипското јавно претпријатие.

„Ние го презедовме водоводот, поставивме хлорна пумпа и започнавме со хлорирање на водата. Анализите покажаа дека таа вода е исправна за пиење“, изјава Ангел Бојаџиев, директор на ЈП „Исар“ – Штип.

Во Селце живеат околу 120 жители и ова е првпат од изгрдабата на водоводот, водата што тие ја пијат да биде соодветно третирана.

 

Оливера Жежова