Донација за ЈКП Тетово

Состојбата со отпадот во Тетово се подобрува

17.07.2014 10:31

По кризата со депонирањето на отпадот, Тетово се сметаше за најзагаден град во земајава. Но состојбата полека се подобрува особено по неколкуте донации во возила за собирање ѓубре и контејнери...

Камион за собирање ѓубре е најновата донација што ја доби тетовското комунално претпријатие. Со него се подобрува состојбата со механизацијата неопходна за одржување на јавната хигиена.

„За неполна година откако започнавме соработка со општина Тетово и самите гледаме, а веројатно и граѓаните чувствуваат дека има напредок во подобрувањето на хигиената во градот“, изјави Филип Ивановски – Директор на „Пакомак“.

„Започнавме пред една и пол година со едно Јавно претпријатие кое имаше камион и половина за собирање на сметот. Секако дека со оваа динамика мислам дека ќе напредуваме уште повеќе се со цел да ги зголемиме стандардите на хигиената во градот“, рече Теута Арифи – Градоначалник на општина Тетово.

Паралелно со подобрувањето на состојбите во комуналното ќе се работи и на подигање на свеста кај граѓаните за соодветно да се користат контејнерите што ќе бидат поставени.

„Полека, полека мислам дека ние ќе започнеме со акцијата за подигање на свеста со невладините организации и медиумите. Така и ќе започнеме со селектирање на отпадот низ градот“, смета Џелал Цека – Директор на ЈКП Тетово.

Ова е втор камион за ЈКП Тетово што го донира истата компанија, а добиени се и 40-тина контејнери. Целта е да се постигне селектирање на отпадот за да се започне со негово рециклирање.

 

Зоран Јованоски