Блиски Исток

Блискиот Исток не мирува

09.10.2024 18:20

Не запираат воените дејствија на Блискиот Исток. Израел напаѓа, милитантите возвраќаат.Регистриран терористички напад во мал град во централниот дел на Израел. Меѓународната заедница ги засилува повиците за прекин на насилствата. Иран ги обвини САД и Европа за двојни аршини...

Десетици ракети пресретнати во северниот дел на Израел. Терористички напад во Хадера, мал град во централниот дел, има жртви. Проиранските групи на мета на израелските воздушни сили. На удар Бејрут, но и Дамаск. Во јужен Либан поставено израелско знаме, копнените сили ја прошируваат операцијата на запад.

„Хезболах го чува своето оружје под закрилата на либанските цивили. Израелската одбрана оперира против Хезболах со јасна цел да ја отстрани заканата за израелските цивили и да им овозможи на сите жители да вратете во домовите“, изјави Даниел Хагари – портпарол на израелските сили.

Нетанјаху бара од либанскиот народ да се крене против Хезболах за да не ја доживеат судбината на Газа.

„Имате можност да го спасите Либан пред да падне во бездната на долга војна што би довела до уништување и страдање, како што гледаме во Газа“, изјави Бенјамин Нетанјаху – премиер на Израел.

По одложеното патување во САД на израелскиот министер за одбрана Галант, Бајден и Нетанјаху на телефонска линија. САД останува на ставот за дипломатско решение на кризата.

„Ги поддржуваме напорите на Израел да ја деградира способноста на Хезболах. Но, на крајот од денот сакаме да видиме дипломатско решение за овој конфликт. Веруваме дека тоа е единствената резолуција што ќе обезбеди вистинска, трајна безбедност и на израелскиот и на либанскиот народ“, изјави Метју Милер – портпарол на Стејт департментот

Хезболах ги интензивира нападите врз Хаифа. Иранскиот претседател ги обвини САД и Европа за двојни аршини.

„Европа и Америка поставија варварска влада овде во регионот, а оние кои тврдат дека ги поддржуваат човековите права, ја бранат. Многу е интересно, тие зборуваат за човекови права и ни кажуваат-зошто егзекутиравте убиец? Но, никој не ги прашува Израелците-зошто убивте невини жени и деца?“, изјави Масуд Пезешкијан – претседател на Иран.

Повик за прекин на насилствата упати и генералниот секретар на ОН, Гутереш. Побара од Нетанјаху да го повлече нацрт-законот што може да ја спречи УНРВА да продолжи со работата на окупираната палестинска територија. „Лекари без граници“ велат дека северот на Газа е пустелија во која нема живот, откако била издадена наредба за евакуација на три болници.

 

Маријана Димовска