Охридските болници за ортопедија и кардиологија од годинава почнаа да нудат современ третман на услуги
Во болницата за ортопедија преку проектот „Опремување на современ центар за физикална терапија“ се набави апарат за криотерапија и хидрауличен лифт за полесен пристап до базенот со што сега е овозможен современ третман на хидромасажа и физикална терапија...

Во охридските специјализирани болници „Св. Еразмо“, за ортопедија и трауматологија и болницата за кардиолошки заболувања, „Св. Стефан“, подобрени се условите за третман на пациентите, благодарение на инвестиција на Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија, преку Програмата „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“. Министерот за локална самоуправа, Златко Перински и амбасадорката на Швајцарија, Вероник Улман денес во Охрид ги посетија болниците да разговараат со корисниците и ги сведочат бенефитите и процесот на спроведување на овие проекти. Домаќини и соговорници им беа директорите на установите, градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков и директорот на Центарот за развој на југозападен плански регион, Ваљон Каба. На посетата присуствуваа и градоначалниците на Дебар, Македонски Брод, Центар Жупа, и претседателката на Советот на Општина Струга кои беа активно вклучени во процесот на избирање на овие проекти како приоритет на регионот.
Во болницата за ортопедија преку проектот „Опремување на современ центар за физикална терапија“ се набави апарат за криотерапија и хидрауличен лифт за полесен пристап до базенот со што сега е овозможен современ третман на хидромасажа и физикална терапија, а во специјализираната установа за кардиолошки заболувања се имплементираше проектот „Подобрување на условите за здравствен туризам со реконструкција на ЈЗУ Кардиологија – Охрид“, со кои е извршена реконструкција на фасада и покривот, старата столарија е заменета со нова, купена е нова ехо опрема и во функција е ставен интегриран софтвер наменет за здравствените установи. Сето ова резултираше во зголемен капацитет на болниците за пациенти, намалени сметки за струја, како и зголемена ефективност во работата.
Швајцарската амбасадорка, Вероник Улман, истакна дека Швајцарија останува посветена на поддршката на децентрализацијата и локалното управување во земјава.
Директорите на установите, искажаа јавна благодарност за поддршката на Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија за инвестицијата со чија помош во голема мера се подобрени условите за третман и престој на пациентите.
Според Билјана Теговска, директорката на ЈЗУ „Кардиологија“, проектот значително влијаел за подобрување на установата во многу сегменти. Со реконструкцијата на дотраениот кров, фасада и столарија, објектот станал енергетски ефикасен со што одделот за рехабилитација сега е функционален преку целата година.
Благодарност за инвестициите изрази и директорот на Центар за развој на југозападен плански регион, Ваљон Каба, кој посочи дека неспорно е дека најголемиот бенефит од проектите ќе имаат пациентите, но, како што рече, тие значително ќе влијаат и за развој на здравствениот туризам со оглед на тоа дека услугите во двете установи ги користат пациенти не само од нашата држава, туку и од соседните земји.
Во охридска кардиологија инвестирани се вкупно 23.440.953 денари, од кои 11.323.993 се средства обезбедени од Министерството за локална самоуправа, Владата на Швајцарија го поддржа проектот со 9.200.000 денари, а 2.916.960 денари вложи установата.
Проектот во „Св. Еразмо“ е со вредност од 2.473.304 денари, при што 1.927.200 се швајцарска поддршка, а останатите се средства на болницата
