Жестоки израелски напади во Либан и во Газа
Исламски отпор во Ирак соопшти дека извршиле напад со дрон врз витална цел во северен Израел во знак на поддршка на народот на Палестина и Либан. Продолжува израелската офанзива...

Продолжува израелската офанзива во Либан и во Газа. Милитантните групи поддржани од Иран, Хезболах и Хамас возвраќаат. Меѓународните организации бележат жртви и повредени. Исламски отпор во Ирак соопшти дека извршиле напад со дрон врз витална цел во северен Израел во знак на поддршка на народот на Палестина и Либан. ООН предупредуваат на конфликт и хуманитарна криза од катастрофални размери.
„Ситуацијата е страшна. Незапирливото бомбардирање сега е дел од секојдневниот живот во Либан. Премногу луѓе плаќаат незамислива цена со над 2.000 убиени, многу повеќе повредени и стотици илјади раселени“, изјави Џенис Хенис-Пласшарт, специјален координатор на ООН за Либан.
Вашингтон бара имплементација на резолуцијата која повикува на целосен прекин на непријателствата меѓу Израел и Хезболах. Се бара и повлекување на сите израелски сили и вооружени групи меѓу Сината линија и реката Литани.
„Отсекогаш бевме многу јасни дека дипломатската резолуција што сакаме да ја видиме е целосна имплементација на резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на Обединетите нации. Тоа не значи спроведување само на одредбите што се однесуваат на Хезболах. Тоа значи дека Израел треба се повлече и јужно од сината линија“, изјави Метју Милер, портпарол на Стејт департментот.
Претседателот Бајден и израелскиот премиер Нетанјаху разговараа првпат во последните седум недели, во момент кога Израел го проширува копнениот упад во Либан и размислува како да одговори на неодамнешниот ирански напад со балистички ракети.
„Она што можам да ви кажам е дека тие ја продолжија својата дискусија за одговор на нападот на Иран. Двајцата лидери имаа продуктивен, директен, искрен разговор“, изјави Карин Жан-Пјер, портпарол на Белата куќа.
Израелското Министерство за одбрана со нови закани кон Иран по неодамнешниот ракетен напад.
„Ги видовте нападите од Иранците против нас пред кратко време. Овие напади беа агресивни, но не успеаја бидејќи не беа прецизни. Нашиот напад ќе биде смртоносен, прецизен и пред сè изненадувачки. Тие нема да разберат што и како се случило, но ќе ги видат резултатите“, изјави Јоав Галант, министер за одбрана на Израел.
Времето и обемот на израелската одмазда и натаму не се познати. Западот предупреди од опасноста за погрешна проценка која би можела да резултира со општа војна на Блискиот Исток.
Маријана Димовска
