Николовски: Силно сме посветени во остварување на заедничките цели во борбата со нелегалната трговија со дрога
Фокус треба да ни бидат карго пратките земајќи ги предвид количините кои подлежат на контрола, како и повеќекратните чекори во синџирот на снабдување, истакна директорот Бобан Николовски на дводневниот настан за зголемување на регионална соработка и борба со трговијата со дрога по воздушен пат во организација ...

Царинските управи имаат важна водечка улога за националната безбедност, но и меѓународната безбедност. Легалните аеродроми во моментов се таргет за криминалците, при што целта им е забранетите супстанции да стигнат на таргетираните аеродроми и потоа да ја дистрибуираат на разни пазари. Наша задача е преку зголемена соработка, размена на искуства и вложување во зајакнување на институционалните капацитети да ги сузбиеме криминалните мрежи. Притоа фокус треба да ни бидат карго пратките земајќи ги предвид количините кои подлежат на контрола, како и повеќекратните чекори во синџирот на снабдување, истакна директорот Бобан Николовски на дводневниот настан за зголемување на регионална соработка и борба со трговијата со дрога по воздушен пат во организација на Групацијата за меѓународна соработка на Советот на Европа за дроги и зависности и националната Царинска агенција на Бугарија позната како Помпиду групација. Настанот беше организиран како дел од 10-тиот состанок на Организацијата за соработка на аеродроми во Југоисточна Европа во рамки на Помпиду Групацијата (AIRSEE). На настанот учествуваа високи претставници на царински управи, гранични полиции, министерства за внатрешни работи, СЕЛЕК, како високи претставници од Групацијата за меѓународна соработка на Советот на Европа за дроги и зависности.
Во рамки на настанот учесниците разменија искуства во делот на утврдување на процена на ризик и користење на интелигентни системи за сузбивање на криминалот.
Од аспект на преземените активности како дел од постојаната борба со трговијата со дрога и други забранети супстанции по воздушен пат, Николовски го истакна случајот во кој царинските службеници на царинска испостава Меѓународен Аеродром Скопје спречија меѓународен канал на нелегална трговија со анаболични стероиди за што беше добиено и признание од Светската антидопинг агенција.
Во рамки на настанот учесниците во Организацијата за соработка на аеродроми во Југоисточна Европа ја усвоија заедничката декларација со што се согласија да ја зајакнат улогата на Организацијата како регионална платформа за начин на дејствување, да се работи на развој на и усогласување на алатки и системи за подобрување на откривањето дрога на аеродромите во Југоисточна Европа, да се подобруваат оперативните капацитети преку специфични технички состаноци како и оперативните резултати поврзани со борбата против недозволена трговија со дрога преку навремена размена на информации, да се продолжи со спроведувањето на заедничките операции насочени кон недозволено снабдување со дрога и забранети супстанции, како и да се воспостават заеднички индикатори за идентификување на трендовите и ризиците на регионално ниво.
На маргините на настанот директорот оствари средби со директори и заменици директори на Царински управи од Југоисточна Европа, на коишто беше истакната потребата од зголемување на меѓусебната соработка со цел олеснување на легалната трговија и сузбивање на криминалот, но и унапредување на царинските постапки.
