Култура

„Поетски слем Македонија“ по 14-ти пат

10.10.2024 11:47

На годинашниот поетски натпревар учество ќе земат 24 автори од повеќе градови кои утре во 18 часот ќе направат прошетка низ центарот на Прилеп и на повеќе локации ќе рецитираат поезија.

Од денес до 13-ти октомври во организација на Театарската работилница – Прилеп по 14 пат ќе се одржи литературната манифестација „Поетски слем Македонија“.

Свеченото отворање на манифестацијата ќе биде во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во 18.30 часот со изложба на уметникот Владимир Лукаш, насловена „Hello Deadline, my old friend I’ve come to talk with you again“.

На годинашниот поетски натпревар учество ќе земат 24 автори од повеќе градови кои утре во 18 часот ќе направат прошетка низ центарот на Прилеп и  на повеќе локации ќе рецитираат поезија. Прошетката ќе заврши во клубот „Таверна“ каде во 19 часот  што ќе се одржат промоции на две потски книги „Јазик за двајца“ од Бранислав Николов и „Модра мрежа“ од Марина Шокева.

Официјалниот слем-натпревар ќе се одржи во киното „Мис Стон“ со почеток во 20:30 часот, по што ќе има „отворен микрофон“, каде што ќе можат да настапат гостите од публиката.

На третиот фестивалски во клубот „Таверна“ со почеток во 19 часот ќе се одржат промоции на уште две книги „Сега ти стануваш јас“ од Долорес Атанасова - Лори и „Додека спиеш“ на Биљана Стојановска.  Специјална гостинка на фестивалот е Шенон Саливан од Берлин, која ќе одржи свој музичко - поетски перформанс во киното „Мис Стон“ со почеток во 21 часот.

Последниот фестивалски ден (13 октомври) учесниците ќе имаат можност да присуствуваат на литургија во црквата „Света Петка“ во населбата Точила, а во 10 часот ќе се одржи поетско читање на манастирот Трескавец. Традиционално за манифестацијата се печати и зборник во кој се застапени сите пријавени автори, а годинава негов издавач е Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ - Скопје, е забележано во  соопштението.