Продолжуваат израелските напади во Либан
Продолжуваат конфликтите на Блискиот Исток. Израелската армија објави дека елиминирала припадник на Хезболах во Сирија со над 100 напади во Либан, уништена инфраструктура и голем број оперативци на милитантите. Десетици загинати во воздушен удар во Џабалија во северна Газа. Меѓународните организации предупредуваат на хуманитарна криза од катастрофални размери. Вашингтон бара почитување на резолуциите на Обединетите нации …

Израелската армија извршила над 100 напади врз милитантите во Либан. Елиминиран е и член на Хезболах во Сирија, кој наводно давал разузнавачки информации на штета на Израел. Десетици загинати во воздушен удар врз Џабалија во Северна Газа. Уапсени пет лица поврзани со ИСИС за планирање напад во трговски центар во Тел Авив. ООН предупредуваат на конфликт и хуманитарна криза на Блискиот Исток од катастрофални размери.
„Ситуацијата е страшна. Незапирливото бомбардирање сега е дел од секојдневниот живот во Либан. Премногу луѓе плаќаат незамислива цена со над 2.000 убиени, многу повеќе повредени и стотици илјади раселени“, изјави Џенис Хенис-Пласшарт, специјален координатор на ООН за Либан.
Вашингтон бара имплементација на резолуцијата која повикува на целосен прекин на непријателствата меѓу Израел и Хезболах.
„Отсекогаш бевме многу јасни дека дипломатската резолуција што сакаме да ја видиме е целосна имплементација на резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на Обединетите нации. Тоа не значи спроведување само на одредбите што се однесуваат на Хезболах. Тоа значи дека Израел треба се повлече и јужно од сината линија“, изјави Метју Милер, портпарол на Стејт департментот.
Претседателот Бајден и израелскиот премиер Нетанјаху разговараа првпат во последните седум недели, во момент кога Израел го проширува копнениот упад во Либан и размислува како да одговори на неодамнешниот ирански напад со балистички ракети.
„Ги видовте нападите од Иранците против нас пред кратко време. Овие напади беа агресивни, но не успеаја бидејќи не беа прецизни. Нашиот напад ќе биде смртоносен, прецизен и пред сè изненадувачки. Тие нема да разберат што и како се случило, но ќе ги видат резултатите“, изјави Јоав Галант, министер за одбрана на Израел.
Времето и обемот на израелската одмазда и натаму не се познати. Западот предупреди од опасноста за погрешна проценка која би можела да резултира со општа војна на Блискиот Исток.
Маријана Димовска
