САД

Милтон ја опустоши Флорида

10.10.2024 12:26

Пустош остава зад себе ураганот Милтон. Загинати, повредени, раселени. Уништени се домови. Милиони домаќинства останаа без струја. Денот носи нови грижи...

Со повеќе од 200 километри на час, моќниот ураган Милтон удри на југоисточниот брег на Америка. Жителите на Флорида ги почувствуваа климатските промени на сопствена кожа. Сведочеа за бесот на природата откако невремето проследено со силни ветришта и поројни дождови, остави пустош зад себе. Стотици разрушени домови, паднати далноводи, уништени автомобили. Материјалната штета е огромна, а има и жртви. Над три милиони жители останаа без електрична енергија. Властите повикуваат на претпазливост.

„Знам дека е тешко да го оставите зад себе вашиот дом, вашите работи, сè што поседувате. Но, ги повикувам сите кои се на патот на ураганот Милтон да ги следат безбедносните упатства, тоа е буквално прашање на живот и смрт“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.

Најтешко погодени се густо населените, крајбрежни области на Флорида. Властите се надеваат дека најлошото од невремето можеби ја помина Тампа, но сепак апелираат до населението да не излегува од своите домови. Предупредуваат дека паднатите далноводи и другите опасности лесно може да бидат фатални. Националната гарда е на готовс. На терен се околу 9 илјади гардисти, подготвени за спасувачки операции. Евакуирани се илјадници лица.

„Дојдовме овде пред неколку дена, сериозно ги сфаќаме овие работи. Живееме во зона за опасност од поплави. И ураганот Хелена, ни ја поплави куќата и моравме да го замениме нашиот клима-уред, подот во главната спална соба. Ова е четврти пат да се евакуираме“, вели жител.

„Хелена ни ја поплави куќата. Најдовме подвижен дом во кој ќе се преселиме и сега сме овде. Сега ни рекоа да ги евакуираме мобилните домови поради интензитетот на ураганот“, рече жителка.

Иако се чини дека најтешкото замина, метеоролозите предупредуваат дека дождот и силните ветрови ќе продолжат да беснеат во неколку области дури и кога ураганот Милтон ќе се повлече. Ова е втор ураган на Флорида за само две недели, по Хелена, која однесе десетици жртви.

 

Маја Стојанова