Собрание

Дваесет млади лица дел од волонтерската програма во Собранието

10.10.2024 14:03

Волонтерските програми во Собранието веќе долго време се препознаваат како успешен пример, а со цел заживување на таа традиција, Фондацијата за демократија на Вестминстер во соработка со Собранието, креираше нова програма за волонтерите...

Со свечено отворање, во Собранието на Република Северна Македонија денеска, 10 октомври, беше одбележан почетокот на волонтерската програма за 20 млади лица, поддржана од Фондацијата за демократија на Вестминстер.

Волонтерските програми во Собранието веќе долго време се препознаваат како успешен пример, а со цел заживување на таа традиција, Фондацијата за демократија на Вестминстер во соработка со Собранието, креираше нова програма за волонтерите.

Преку оваа програма, волонтерите ќе имаат можност да присуствуваат на организирана академија, работилници и да имаат директна соработка со пратениците и службите на Собранието. Тие одблизу ќе се запознаат со улогата и работата на Собранието, ќе придонесат кон работата на законодавниот дом и ќе стекнат пошироки познавања за политичкиот систем, демократските вредности, улогата на граѓаните и младите. Од друга страна, Собранието ќе има можност да ја приближи својата работа до младите, додека истовремено ќе ја зајакне својата професионалност, ефикасност и кредибилитет.

Волонтерската програма ќе биде во времетраење од шест месеци, а деталите за програмата ги презентираше проф. д-р Марко Кртолица.

Оваа активност се спроведува од страна на Фондацијата за демократија на Вестминстер во рамки на проектот „Практикувај демократија“ со поддршка на Британската амбасада во Скопје.