Илегалната миграција во фокусот на средбата на министрите за внатрешните работи на Македонија и Србија
Во Куманово средба на министрите за внатрешни работи на Македонија и Србија, Тошковски и Дачиќ. Тема мигрантските процеси, неопходна е поддршка од ЕУ, бидејќи најголем дел од мигрантите влегуваат од нивните членки, согласни двајцата министри...

Илегалната миграција во фокусот на средбата на министрите за внатрешните работи на Македонија и Србија, Тошковски и Дачиќ. Само со поддршка на Европската унија може да се надмине проблемот со мигрантите, согласни и двајцата министри. Тие посочија дека најголем дел од нив влегуваат токму од ЕУ државите, затоа неопходни се технички решенија, но и повеќе средства.
„Најголем дел од мигрантите коишто влегуваат во Македонија се исто така од нашиот јужен сосед односно од Република Грција. Огромна благодарност до ФРОНТЕКС кои се поставени на јужната граница и помагаат значително за сето она што значи работа на гранична полиција. Но секогаш поддршката е добредојдена особено во делот на имплементација во дел на технички решенија кои ни се потребни но би било подобро кога би имале повеќе технички средства кои би ни биле ставени на располагање“, истакна Тошковски.
Вицепремиерот и министер за внатрешни работи на Србија информираше дека запреле околу 7.000 илегални преминувања. Проблемот потврди и тој може да се реши само со поддршка на ЕУ.
„И во Северна Македонија и во Србија најголем број мигранти доаѓаат од Европската унија. Целата унија се жали дека доаѓаат од други краишта во унијата, а ние имаме ситуација дека ни доаѓаат од ЕУ. Затоа ЕУ мора да ни помогне да го решиме тоа прашање. Најголем број мигранти 50 отсто доаѓаат од Бугарија, околу 30 отсто од кај вас, не знам дали влегуваат од Грција, но мал дел доаѓаат и од Романија“, посочи српскиот министер.
Двајцата министри задоволни од соработката. Целта ќе биде соработката да се продлабочи и за справување со организиран криминал, но и за надминување на метежот на граничниот премин Табановце-Прешево. Од наредната сезона би требало за профункционира One stop shop, односно едно застанување и значајно да се намали времето на чекање. Како успешни ги оценија и мешовитите полициски патроли летово во Охрид.
Ова е возвратна посета на Дачиќ, откако Тошковски кон крајот на јули беше во официјална посета на Белград.
Елена Георгиевска
