Унгарски заем

Не се знаат условите според кои компаниите ќе добијат дел од колачот вреден 250 милиони

10.10.2024 16:30

Државата парите ќе ги трансферира до Развојна банка, преку комерцијалните банки парите ќе легнат на контото на компаниите. Условите сè уште не се знаат...

Домашниот бизнис до крајот на годинава треба да добие дел од колачот вреден 250 милиони евра од унгарскиот заем, финансиска инјекција за поголема продуктивност и конкурентност.

Државата парите ќе ги трансферира до Развојна банка, преку комерцијалните банки парите ќе легнат на контото на компаниите. Условите сè уште не се знаат. Министерката Димитриеска-Кочовска вели, наместо еврообврзница се одлучиле на заем бидејќи на тој начин ќе се заштедат 14 милиони евра.

Министерката останува на ставот дека не ги поддржува мерките, со ограничени маржи против ценовните скокови. Но, очекува позитивни ефекти од Законот за нефер трговски практики.

Пари од буџетот за следната година нема да има за ЕСМ, категорична е Кочоска. Најавува зголемување на платите во здравството и образованието. Милијарда и 750 милиони евра се потребни за пензиите, дел од нив ќе се обезбедат од казните во борбата со сивата економија.

Од Финансии излегоа со став – полнењето на буџетот е зголемено во септември од наплатата на давачките што ги реализираат УЈП и Царинската управа.

Александра Велинова