Формиран Економско-социјалниот совет, минималната плата прв тест
Почна со работа новиот Економско-социјален совет. Власта вети мерките и законите ќе се носат партнерски со синдикатите и работодавачите. На маса и барањето за повисок минималец. Синдикалците се надеваат работите ќе тргнат на подобро. Бизнис еснафот загрижен за кадарот. Премиерот очекува трипартитивен дијалог и соработка за одржлива економија...

Владата е партнер на синдикатите и на работодавачите – ова го изјави премиерот Мицкоски по првата седница на Економско-социјалниот совет. Економијата, рече, останува главна и стратешка определба, оти ако немаме добра и стабилна економија, тогаш немаме ништо, а да го постигнеме тоа, мора да има владеење на правото.
Растот на минималната плата на 450 евра – прв тест за социјалните партнери, синдикатите, бизнисмените и Владата. Оваа тема била една од точките на првата седница на Економско-социјалниот совет. Првиот човек на ССМ по состанокот изрази надеж дека работите може да тргнат на подобро, но само ако се седне и се разговара.
Работодавачите се загрижени дека работниците постојано заминуваат и има недостиг од кадар.
Економско-социјалниот совет ја одржа првата седница по формирањето на новата Влада. За негов претседател е избран министерот за економија Дурмиши.
За Владата од клучно значење е транспарентен социјален дијалог. Рекоа дека сите одлуки, мерки и закони ќе се носат транспарентно, со сите засегнати страни. Според Законот, покачувањето на минималната плата треба да се случи во март идната година.
Борис Грујоски
