Советот на Европа со ново предупредување до Бугарија
Во најновиот документ се заклучува дека во оваа земја членка на Унијата, не постои свест за правата на малцинствата, а тоа ги обесхрабрува Македонците да се самоидентификуваат.

Нова опомена од Советот на Европа за Бугарија. Во најновиот документ се заклучува дека во оваа земја членка на Унијата, не постои свест за правата на малцинствата, а тоа ги обесхрабрува Македонците да се самоидентификуваат.
Лицата кои се идентификуваат како Македонци ја повторија својата долгогодишна желба да бидат заштитени според Рамковната конвенција, но бидејќи властите не го прифаќаат постоењето на објективни критериуми за нив, овие лица не можат да уживаат пристап до индивидуалните малцински права. Нивните долгорочни обиди да регистрираат здруженија кои ја промовираат македонската заедница не беа успешни.
Во документот се потсетува и дека Европскиот суд за човекови права во 12 предмети против Бугарија утврдил непочитување на правото на слобода на собирање и здружување, поднесени од Здруженијата на Македонците, кои властите одбиваат да ги регистрираат. Пријавени се и напади за време на јавни настани, како и пречки во организирање протести и различни настани од страна на етничките Македонци.
