Полската „МозАРТ Груп“ вечерва на „Охридско лето“
17.07.2014 12:13
Членовите на квартетот свират музика од класичниот репертоар, но на сосема поинаков начин...
Во предворјето на црквата „Света Софија“ вечер, во рамки на „Охридско лето“, концерт ќе одржи ексклузивниот гудачки квартет „МозАРТ Груп“ од Полска.
Членовите на квартетот свират музика од класичниот репертоар, но на сосема поинаков начин. Нивната изведба е мешавина од музика, театар и движење, а со уникатниот хумор кој го поседуваат, квартетот се сместува во еден од најинвентивните забавувачи во светот.
Активноста „МозАРТ груп“ почнува пред околу 20 години. Оттогаш неговите членови одржуваат успешни настапи низ целиот свет, Европа, Канада, САД, Азија.
Досега имаат одржано повеќе од 3.000 концерти на четири континенти во светот, а нивниот професионализам и талент го потврдуваат и големиот број национални и интернационални награди, вклучувајќи ја и специјалната награда од Министерството за култура на Република Полска за исклучителни достигнувања и 15 години постоење на сцената.
Концертот насловен „Моцарт е се уште жив“, е во соработка со Полската амбасада во Република Македонија и почнува во 21 часот.