Израел

Во израелските воздушни напади врз Бејрут срамнета станбена зграда

11.10.2024 08:56

Израел ги изврши досега најсмртоносните напади во регионот. Срамнета станбена зграда во центарот на Бејрут. Цел на Тел Авив бил висок командант на Хезболах, кој наводно го преживеал нападот...

Израел ги изврши досега најсмртоносните напади во регионот. Срамнета станбена зграда во центарот на Бејрут. Цел на Тел Авив бил висок командант на Хезболах, кој наводно го преживеал нападот. Во Газа погодено училиште, рации и пресметки и на Западниот Брег. Бројот на жртви расте, а повредени се стотици. ООН го вклучија алармот.

„Разурнувачкиот конфликт во Либан, засилените напади во Сирија, насилството во Газа и на Западен Брег опасно го движи регионот на работ кон сеопфатна војна. Хезболах и другите вооружени групи мора да престанат со нападите кон Израел, како што и Израел мора да престане со бомбардирањето на Либан и да ги повлече своите копнени сили“, изјави Розмари Ди Карло, заменик-генерален секретар на ОН за политички и мировни прашања.

Низа реакции и осуди пристигнуваат и од меѓународната заедница откако беше погодена база на ОН во јужен Либан во кој беа повредени двајца мировници. Земјите од Персискиот Залив лобираат во Вашингтон да спречи одмазда против Иран, стравувајќи дека и нивните нафтени капацитети би можеле да бидат загрозени.