Неопходно е уредување, спомениците се ликот на државата
Спомениците се ликот на државата. Тие сведочат за историјата и затоа е неопходно да бидат уредени и да се одржуваат, е пораката на Сојузот на борци од Куманово, но и на бројни граѓани. Спомен обележјето на паднатите борци од НОБ во Куманово, сè уште е во лоша состојба.

И овој 11 Октомври, Денот на народното востание, државните и локални функционери ќе ги пречекаат оштетени бакарни релјефни плочи, напукнати ѕидови и чкртаници на споменикот на паднатите борци од Народно ослободителната борба во Куманово, Спомен костурницата.
Споменикот кој сведочи за паднатите борци од кумановско, кои ги дадоа животите за слободна Македонија, сè уште е во лоша состојба.
Министерството за култура лани ја реализираше првата фаза за санација на пристапни скали, плочници. Годинава продолжи замената на плочите пред платото. Надлежна за тековното одржување и осветлувањето, е локалната самоуправа. Од Сојузот на борци со став спомениците се ликот на државата. Сведочат за историјата и служат за наредните поколенија.
„Не сме задоволни од одржувањето на спомен обележјата што ги имаме, но доаѓа до состојба да има пречкања од институциите и државата. Ние имавме прилика овде да местиме плоча на народен херој Бајрам Шабани што беше падната, не подбраа така што ни забележаа- не сме требале да реагираме“, вели Благе Јакимовски, Сојуз на борци- Куманово.
И од здружението на воени и полициски ветерани сметаат дека со негрижата кон сопственото минатото се омаловажува улогата и значењето на НОБ во создавањето на македонската држава.
„Сите споменици кои се во Куманово, дали Дренак, Билјача, Белановце каде е ликвидиран кумановски карадачки партизански одред, тие што се загинати таму се предложени за осум народни херои, Куманово од 1941 до 1945 година има осум народни херои“, посочи Томислав Величковски, Здружение на воени и полициски ветерани Куманово.
Спомен-костурницата на паднатите борци од НОБ е изградена во 1957 година. Во комплексот се наоѓа криптата со посмртни останки на загинатите борци.
Елена Георгиевска
