Медот со сомнително потекло и ниска цена – проблем за пчеларите
Македонските медопроизводители се соочуваат со бројни предизвици. Бараат поголеми инспекциски контроли, со што би се заштитиле пчеларите, но и потрошувачите. Шестотини денари за тегла е најниската цена по која може да се продава квалитетен мед, истакнаа пчеларите на 27-та традиционална манифестација „Денови на македонско пчеларство“, во Битола.
Мали приноси, ниска цена и големи проблеми имаме вели Тања Исовска, која цел живот се занимава со производство на мед. Во минатото од едно стационирано пчелно семејство имало и до 80 килограми мед, оваа година од 8 до10 килограми.
Бројни се предизвиците со кои се соочуваат пчеларите. Климатските промени, загадувањето но и нелојалната конкуренција, се главни причини за намалување на приносите на мед во последните години.
Пазарот е преплавен со мед со сомнително потекло и многу ниска цена, поради што не можат да ги продадат и оние мали количини мед што ги произведуваат, истакнаа пчеларите на манифестацијата „Денови на македонското пчеларство“ во Битола.
Од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството им порачаа на пчеларите, да ги користат советодавните услуги кои ги нудат, со цел максимално искористување на мерките за финансиска поддршка кои ги предлага Владата.
Македонското пчеларство е во критична состојба, за да може да опстане потребно е соработка на пчеларите и институциите, поголеми контроли како и подигнување на свеста кај потрошувачите за купување квалитетен домашен мед.
Александра Максимовска