Израел со жестоки воздушни напади, бројот на жртви расте
Бројот на жртви расте, а над сто се повредени. Цел на Тел Авив бил висок командант на Хезболах. Милитантите велат-го преживеал нападот. Возвраќаат со ракети и дронови. Како поддршка на отпорот, Хутите од Јемен удрија во Црвено Море и Индиски Океан...

Станбени згради во срцето на Бејрут срамнети со земја – неми сведоци за жестоките воздушни напади на Израел. Бројот на жртви расте, а над сто се повредени. Цел на Тел Авив бил висок командант на Хезболах. Милитантите велат-го преживеал нападот. Возвраќаат со ракети и дронови. Како поддршка на отпорот, Хутите од Јемен удрија во Црвено Море и Индиски Океан. Израелските трупи продолжија со копнените операции во Либан.
„Ова е шиитско село во Либан блиску до границата со Израел. Секоја куќа е база на терор. Во оваа има складиште со опрема што ги чека радванските сили на Хезболах со елеци, шлемови и мини. Според резолуцијата 1701 на ООН овде треба да биде чисто“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската војска.
Во истовреме, жителите на северот на Израел предупредени на можна терористичка инфилтрација. Разгоруваат насилствата и на Западниот Брег. Во воздушен напад убиен лидер на Исламски џихад. Во Советот за безбедност на ОН осуда за неуспехот на меѓународната заедница да ја запре ескалацијата. Предупредуваат на сеопфтана војна, бараат од Либан и Израел да се вратат од работ на катастрофа.
„Хезболах и другите вооружени групи мора да престанат со нападите кон Израел, како што и Израел мора да престане со бомбардирањето на Либан и да ги повлече своите копнени сили. Страните во конфликтот мора да ги користат дипломатските опции, а не оружјето“, вели Розмари Ди Карло, заменик- генерален секретар на ОН.
„Израел не ја поштеди цивилната инфраструктура во својата агресија. Нивното бомбардирање деактивираше неколку болници. Го отсече главниот граничен премин меѓу Либан и Сирија, ја бомбардира главната водоводна линија. Прашуваме – Дали е ова прецизна хируршка воена операција за која тие зборуваат?“, изјави Хади Хахем, заменик-постојан претставник на Либан во ОН.
„Овој конфликт почна со одлука донесена од Хасан Насрала знаејќи добро дека таа ќе донесе страдање врз Либан и Израел. И овој Совет беше предупреден на 20-ти септември. Застанав пред вас и ве повикав да дејствувате пред да биде доцна“, изјави Дени Данон, постојан претставник на Израел во ОН.
Низа реакции и осуди пристигнуваат и од меѓународната заедница откако двајца мировници беа повредени во израелски оган. Додека безбедносниот кабинет на Израел го крчка договорот за одговор на иранскиот напад, САД тврдат дека работат на дипломатско решение.
„Интензивно се ангажираме за да спречиме поширок конфликт во регионот, да ги вратиме заложниците, да добиеме помош за Газа и да го прекинеме конфликтот. Да се постигне дипломатско решение во Либан, да се поддржи правото на Израел да се брани од Иран и неговите полномошници, да се најде пат за одржување на циклусот на насилство и да се придвижиме кон поинтегриран и попросперитетен Блиски Исток“, нагласи Ентони Блинкен, државен секретар на САД.
Земјите од Персискиот Залив лобираат во Вашингтон да спречи одмазда против Иран, стравувајќи дека и нивните нафтени капацитети би можеле да бидат загрозени.
Бојана Крстевски
