САД

„Милтон“ остави пустош зад себе, разрушени домови, уништени автомобили и патишта

11.10.2024 13:10

Најмалку 16 загинати во ураганот „Милтон“ во Флорида, милиони се без струја. Силната бура уништи многу домови и ги поплави улиците во американската држава. Иако „Милтон“ ослабна до тропски циклон, опасноста не е помината, велат властите.

Разрушени домови, паднати далноводи, уништени автомобили и патишта – апокалиптични сцени остави зад себе моќниот ураган „Милтон“ кој со над 200 километри на час удри на Флорида. Има загинати и повредени. Првичните проценки на штетите се милионски. Спасувачките тимови продолжуваат со расчистување на теренот по немилосрдното невреме.

„Ние сме овде со противпожарните тимови, заедно со морнарицата со помош на чамци ги извлекуваме повозрасните лица заглавени во своите домови“, изјави Чад Кронистер, шериф во округот Хилсборо.

Жителите кои беа евакуирани поради опасноста од силното невреме, се враќаат во своите домови. Дел од нив во шок и неверување, се соочуваат со целосно разурнатите домови.

„Ова беше мојот дом. Кога сте во него не мислите дека ова е можно да се случи, едноставно да го снема“, вели Наташа Дукре, жителка на Флорида.

„Решивме да останеме дома, оваа куќа ја изгради татко ми. Но, штом зајде сонцето состојбата се влоши. Навистина не е можно да се опише. Може само да бидете сведок на неверојатната моќ и тоа е апсурдно“, рече Кристијан Бург, жител на Флорида.

Иако „Милтон“ ослабна до тропски циклон, опасноста не е помината, велат властите. Издадено е предупредување од можни нови поплави, по зголемениот водостој на реките.

„Милтон“ е вториот ураган кој за помалку од две недели го погоди западниот брег на Флорида. По разорниот „Хелена“ загинаа десетици лица, многумина останаа без своите домови.

 

Маја Стојанова