Потребна поголема вклученост на младите при носењето одлуки
Во иднина треба што повеќе да се искористи потенцијалот што го носат младите лидери. Тие имаат способност да слушаат, да учат од дипломатијата, интеркултурниот дијалог и соработката дека мирот не е апстрактен идеал, туку нешто што може да се достигне преку меѓусебна почит и споделени цели – порака од петнаесеттата школа за млади лидери.

Искуствата од досегашните 15 лидерски школи покажуваат дека младите бараат инклузивно и емпатично лидерство. Во глобализираниот свет, лидерите треба да бидат способни да ја прифаќаат различноста и да ги сфатат перспективите на различни групи. Ова меѓу другото, пред учесниците на 15-тата Школа за млади лидери го рече поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов, при што посочи дека младите треба многу повеќе да бидат вклучени во носењето одлуки, затоа што тие се носители на иновативните решенија.
„Младите се повеќе се определуваат за трансформативно лидерство. Тоа е лидерство кога лидерите треба да бидат визионери кои ги инспирираат другите да постигнат промена. Овој вид на лидерство е потребен за да се справи со големите предизвици како што се климатските промени, видовме деновиве што се случува во Флорида, економските нееднаквости“, изјави Ѓорѓе Иванов, поранешен претседател на Република Македонија.
Културната дипломатија во денешниот свет промовира позитивен имиџ и придонесува за напредок на мирот, толеранцијата и разбирањето помеѓу нациите, рече во своето видео-обраќање министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски.
„Таа е есенцијален инструмент за превенирање конфликти и зајакнување на меѓународните односи. Преку културата можеме да градиме меѓусебни врски што нема да се засноваат само врз економски и политички основи, туку и на споделени човечки вредности и права“, рече Муцунски.
На собирот беше речено дека младите луѓе се моќна сила за позитивни промени, што овозможуваат нови решенија и за некои од најголемите светски проблеми.
Сашо Нелоски
