Сторија

Битка за заедничко старателство по развод

11.10.2024 18:19

Разводот е тежок удар за децата. Понекогаш, во битката за старателство не се штедат средства, па дури и се оди кон целосно отсекување на едниот родител од контакт со неговото чедо. Оттука, не треба да изненадуваат повиците и барањата за заедничко старателство по развод, со еднакви права и обврски…

Ивана Коцева е мајка на две деца, на возраст од 8 и 10 години. Таа е разведена, а по разделбата и двегодишната институционална битка, успеала со поранешниот партнер да се договори за заедничко старателство по принципот „50:50“, со еднакви права и обврски. Иако тоа не е предвидено со сегашниот закон кој фаворизира еден од родителите, Ивана смета дека ваквата одлука е во најдобар интерес на децата.

„Многу деца сакаат да бидат со двајцата родители ама се под притисок, буквален притисок, психолошки притисок од страна на родителот и на центрите дека мора да почитуваат одредено решение кога да го гледаат другиот родител, кога да го слушаат другиот родител. Дали смее тој да праша како е детето на училиште, дали се разболело? Буквално им се одзема правото на родителите да знаат, да имаат информации за своите деца“, вели Ивана Коцева, родител.

За да може да биде со своите деца, Ивана, која и самата е дете на разведени родители се преселила од Велес во Скопје.

„Една недела престојуваат кај мене, една недела престојуваат кај татко им, со тоа што ние живееме на блиска раздалеченост од километар, децата ја задржаа истата средина, во истата населба се, учат во истото училиште со истите другарчиња“, додава Коцева.

За разлика од Ивана, видувањата на Сашо Панговски со неговите две ќерки се регулирани од Центар за социјална работа. Тој е гласен во барањето за заедничко старателство по развод.

„Два викенда ги гледам моите деца и три среди. Тоа се вкупно 40 часови. За време на бракот јас децата ги гледав 20 часа во денот. Замислете каков удар е тоа за мене“, вели Сашо Панговски, родител.

Но, тоа не е удар само за родителите, тоа е голем удар и за децата. Истражувањата покажуваат дека децата кои минуваат најмалку 35% со секој од родителите градат подобри односи со мајката и таткото, учат, се развиваат во здрави личности, градат социјални односи и се помалку склони кон пороци.

„Кога се води војна, кога децата ќе бидат дека едниот родител влијаат на тоа да не го гледаат другиот родител, кога овој другиот кога ќе отидат ќе зборува за овој првиот, значи децата можеби не секогаш ќе знаат што се зборува, иако се помали, ама секогаш чувствуваат кои емоции се тука околу нив. Бранејќи им да го видат едниот родител, ние им правиме страшна штета на децата зашто им го покажување она зошто ние им браниме да одат таму, а тие ја покажуваат својата агресија и својот очај. Децата како да се заглавени во еден конфузен и агресивен космос во којшто они треба да пораснат и да се развијат како одговорни и здрави личности“, вели д-р Мирјана Јовановска-Стојановска, психолог и психотерапевт.

Бракоразводните постапки, покренати по тужба, завршуваат пред центрите за социјална работа, кои во рок од 90 дена проценуваат со кој родител ќе живеат децата и како ќе се регулираат видувањата со другиот родител. Судот речиси секогаш го прифаќа нивното мислење. Родителите честопати поднесуваат и лажни пријави за да го добијат старателство.

„ЦСР се тука да надминат одреден проблем, а не за да ги решат сите нивни барања и постапки. Се пријавуваат банални проблеми, сега имаме и електронски начин на комуникација, сето тоа се злоупотребува и по неколку мејлови пристигнуваат и од едниот и од другиот брачен партнер. Пресметајте колку се преоптоварени колегите, каде може сето да го прочитаат и да утврдат дали е релевантно тоа што е напишано или не“, изјави Наташа Станојевиќ, Министерство за социјална политика, демографија и млади.

Сè повеќе луѓе се соочуваат со вакви проблеми. Македонија не е исклучок од глобалниот тренд на зачестени разводи. Бројката од минатата година е и повеќе од двојно повисока споредно со деведесеттите години, кога е донесен Законот за семејство.

Истражувањата покажуваат дека децата, кои по разводот поминуваат повеќе време и со двајцата родители се развиваат во ментално здрави личности. Новиот Граѓански законик и реформата на семејното право треба да овозможат Македонија да фати чекор со развиениот свет, каде доделување ексклузивно старателство на мајката е одамна напуштен концепт.

Мартин Пушевски