Куманово го чествува Денот на народното востание – 11 Октомври
Денот на народното востание свечено се одбележа и во Куманово во Спомен костурницата …

Драган Шутевски е внук на Драги Шутевски од Куманово, еден од загинатите борци во НОБ на само 22-годишна возраст. Од дете доаѓа со татко му, на овој ден кај Спомен-костурницата, за да му оддаде почит. Овој 11 Октомври го сретнавме со сопругата и неговите два сина кои, исто така, откако се родени не пропуштиле ниедна година, а да не го посетат спомен-обележјето, на кое е врежано името на дедо им. Една од улиците во Куманово го носи името на борецот Драги Шутевски.
„Од фашистичкиот окупатор бил осуден на доживотна робија, а после ослободувањето со партизаните во Скопје загинал на 22-годишна возраст. Тој испраќал писма, кој и каде да се активира во Народноослободителната војна“, вели Шутевски.
Овие чествувања се значајни за колективната меморија, бидејќи она што било, а не се спомнува, се заборава како да не било-порача Јакимовски од Сојузот на борци на Куманово.
„Сите одбележувања ни ја отвораат колективната меморија дека македонскиот народ поминал низ еден тежок период за создавање на својата држава. Од една страна не напојува со патриотизам, да преземеме сè што е во нашите можности да ја направиме Македонија достоинствена за своите граѓани“, нагласи Јакимовски.
Колку повеќе ја познаваме историјата повеќе се почитуваме себеси – велат граѓаните.
„Секоја година ги чествуваме сите празници.“
„Тука сме за да не ги заборавиме.“
„Додека сме тука ние постарите ќе доаѓаме, но за децата по млади-не знам“-велат граѓаните кои ги анкетиравме.
11 Октомври нè потсетува на аманетот од предците кои го положиле својот живот во темелите на македонската држава дека треба да ги чуваме идентитетот, интегритетот и суверенитетот.
Александра Велинова
