Поделбите да се надминат, потребно е единство за просперитет
Нашите предци се сплотија за заедно да го постигнат тоа што не можат да го постигнат засебно – слободна македонска држава, втемелена врз праведни идеали, порача претседателката Гордана Сиљановска Давкова. Во Музејот на македонската борба за самостојност Свечена академија по повод 11 Октомври – Денот на народното востание...

Нас никој не нè ослободи и не ни ја подари државата и затоа не смееме да дозволиме ревизија на историјата, порача во говорот македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова. Пред присутните, шефицата на државата потсети дека херојската борба против фашизмот нè сплоти како народ и ни даде легитимитет да се самоопределиме и да создадеме слободна македонска држава.
Како и пред повеќе од 80 години и сега живееме во период на премрежја што може да се победат само со храбри одлуки, рече претседателката. Побара делбите да се надминат и повика на единство во борбата за просперитет на државата за да се изгради, како што рече – иднина за младите во земјава.
Сиљановска Давкова рече дека треба да се бориме против неправедните препреки и блокади на европската интеграција, но и против обидите за кривотворење на историјата.
Свеченоста се одржа во Музејот на македонската борба каде армискиот воен оркестар исполни сплет на македонски патриотски песни.
Анита Димитријевска – Велковска
