Блиски Исток

Жесток меѓународен притисок врз Израел по инцидентот во базата на УНФИЛ

12.10.2024 11:08

Осуди и реакции по последниот инцидент во базата на УНИФИЛ во Либан. Тел Авив го призна нападот во кој беа ранети мировници. Тврди дека часови претходно му наложиле на персоналот да се засолни. Израел продолжи со притисокот врз Хамас и Хезболах. Нови напади и жртви во Газа. Либан повика на дипломатско решение и итно спроведување на резолуцијата на ООН.

Израел под жесток меѓународен притисок и осуда по последниот инцидент во базата на УНИФИЛ во Либан, во кој беа ранети мировници. Тел Авив го призна нападот, тврдејќи дека идентификувале непосредна закана и одговориле со оган. Посочуваат дека часови пред инцидентот му наложиле на персоналот да се засолни. ООН повторија дека безбедноста на персоналот и имотот на ОН мора да се гарантираат.

„Ова е причината зошто Франција повика на запирање на извозот на оружје. Да бидеме јасни, ова не е повик да се разоружа Израел, туку да се запре секоја натамошна дестабилизација во регионот. Стабилноста и мирот ќе дојдат само преку дипломатски решенија“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.

„Цврсто го осудувам она што се случи во генералниот штаб на УНИФИЛ. Ова е тотално неприфатливо. Логиката е едноставна-Ако нема оружје, нема војни“, изјави Педро Санчез, премиер на Шпанија.

Либанскиот премиер Микати повика на дипломатско решение и итно спроведување на резолуцијата на ООН. Иран, пак посочува дека Израел ги прекршува сите можни меѓународни договори.

„Длабочината на кризата во Газа и суровоста што се применува во нерамноправната војна, како и продолжувањето на дивјачките напади врз либанските градови, не можат да се опишат“, изјави Масуд Пезешкијан, претседател на Иран.

Во меѓувреме, нови жртви во Газа. Десетици луѓе загинале во последниот воздушен удар врз бегалскиот камп Џабалија.

„Продолжуваме да се бориме против непријателот и нема да запреме додека не се осигураме дека можеме безбедно да ги вратиме жителите, не само сега, туку и со изгледи за иднината“, изјави Херзи Халеви, началник на генералштабот на израелските сили.

За Хезболах приоритет е да го победи непријателот, но, велат-остануваат отворени да се запре агресијата.

„Ударот на Тел Авив е само почеток, непријателот виде многу малку. Нашиот апсолутен приоритет сега е да го победиме и насилно да го принудиме да ја запре агресијата. Иако, секој внатрешен или надворешен политички напор за постигнување прекин на огнот е добредојден, сè додека е усогласен со нашата сеопфатна визија за битката“, изјави Мохамад Афиф, главен портпарол на Хезболах.

Во исчекување на одговорот на иранскиот напад, војската на Тел Авив го зајакнува присуството и на Западниот Брег со неколку дополнителни борбени водови. Трупите ќе обезбедат безбедносна бариера и ќе ги подготват силите за различни сценарија.

 

Бојана Крстевски