Македонија

„Вреди“ го подготвува Законот за правична застапеност, од идната недела ќе биде на јавна расправа

12.10.2024 14:57

Владиниот партнер „Вреди“ го финализира Предлог-законот за правична застапеност. И покрај тоа што министерот Минчев повика да не се брза, Таравари најави дека решението од идната недела ќе биде ставено на јавна дебата. ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, продолжуваат со препирките. Интегративците сметаат дека се крши Охридскиот договор, од ВМРО- ДПМНЕ дека ДУИ кога биле на власт прифатиле да се укине алатката...

Само неколку дена откако министерот за јавна администрација Минчев побара да не се брза со законското решение за правична застапеност, коалицискиот партнер „Вреди“ откри дека предлогот е речиси финализиран. Министерот Таравари најави дека идната недела дури и ќе се најде на јавна расправа. Потегот следува откако Уставниот суд го укина балансерот, па според Таравари, сега е потребен Закон за правична застапеност што ќе се однесува не само за етничката категорија, туку за сите маргинализирани групи во општеството.

ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ во клинч по укинувањето на балансерот. Интегративците сметаат дека се крши Охридскиот рамковен договор и се наметнува етничка надмоќ. ВМРО-ДПМНЕ посочува дека ДУИ кога биле власт прифателе да се укине алатката, што е напишано во Стратегија за реформа на администрацијата до 2030 година.

Министерот Минчев деновиве повика да не се брза со законското решение и да се отвори широка расправа за да не се случи Уставен да го бутне и новиот закон. Власта смета дека законското решение мора да биде согласно препораките на Венецијанската комисија.

 

Игор Панов