Мајката на Вања и роднини на Жежовски треба да сведочат в понеделник во суд
Рочиштето за двојното убиство ќе продолжи в понеделник откако е вратен во затворот во Шуто Оризари Боре Видевски, еден од четворицата обвинети, кој поради влошена здравствена состојба со бубрезите, беше задржан во болница. Први сведоци ќе бидат мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска, и роднините на велешанецот Панче...

Боре Видевски, еден од обвинетите за соучесништво во убиството на малолетната Вања Ѓорчевска и пензионерот Панче Жежовски, во понеделникот бил вратен во затворот „Скопје“, по неколкудневната хоспитализација на нефрологија, поради проблеми со бубрезите. Тој е во добра здравствена и физичка состојба, ги има сите услови во сместувањето, ја прима редовно препишаната терапија, вели директорот на истражниот затвор во Шуто Оризари.
И останатите обвинети, меѓу кои и првообвинетиот Љупчо Палевски, се во одлична здравствена состојба, појаснува Утковски. Немаат никакви забелешки во однос на третманот во затворот. Фокусирани се на подготовката на нивната одбрана.
Судењето за двојното убиство треба да продолжи в понеделник, кога треба да сведочат мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска, како и Ана Киркова и Тодор Кирков. На првото појавување во судот на 20-ти септември, обвинетите се изјаснија дека не чувствуваат вина и го оспорија мотивот користољубие. Првообвинетиот Палевски рече дека против него се води политички монтиран случај и дека не го познава таткото на Вања.
Првообвинет за двојното убиство е Љупчо Палевски, за соучесништво, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, а таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски, кој е во домашен притвор, е обвинет за помагање во грабнувањето на неговата ќерка. Вања и Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 24-ти и 27-ми ноември лани, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември.
Милчо Велески
