Писмото се пишува, Мицкоски подготвен да седне на маса со Радев
Владината делегација се подготвува за нов самит на Берлинскиот процес, кој ќе се одржи в понеделник, а ќе учествуваат претставници на земјите на Западен Балкан и Европската унија. Ова е нова шанса за Македонија да се слушнат мислењата на меѓународната заедница пред Мицоски да го испрати писмото до европските институции, со кое се бара начин за откочување на европската интеграција. Ахмети денеска на средба со бугарскиот амбасадор, бара итно носење на уставните измени.

Прво разговор со европските политичари, потоа писмо до нивните институции за да се најде решение за деблокирање на интеграциите. Мицкоски и владина делегација во Берлин ќе опипуваат пулс дали може да се најде разбирање за одложена примена на уставните измени. Премиерот е подготвен да седне на маса со бугарскиот претседател Радев, но, не ја потврди информацијата дека тоа ќе се случи на 7-ми ноември во Будимпешта на иницијатива на унгарскиот премиер Орбан.
Додека се чека писмото да биде испратено, опозицијата бара уставни измени. Лидерот на ДУИ Ахмети по средбата со бугарскиот амбасадор Радуков побарал тоа да се случи час поскоро.
Бугарската заедница во Северна Македонија е реалност и треба да биде вклучена во Уставот, а од ова никој ништо не губи, напротив, сите добиваат. Приоритет на ДУИ е токму продолжување на европскиот пат, затоа уставните измени мора веднаш да се случат бидејќи граѓаните очекуваат да станеме дел од Европската Унија, велат од ДУИ.
Додека се бара деблокирање на интегративниот пат, Скопје и Тирана веќе во вторник ќе бидат раздвоени откако ЕУ донесе одлука за отворање на преговорите по кластери со Албанија. Дел од аналитичарите очекуваат, најавените посети на европските и американски дипломати на земјава да помогнат во надминување на блокадата.
Првиот тест е веќе иднава недела, кога се одржува самит по повод десетгодишнината од Берлинскиот процес.
Анита Димитријевска – Велковска
