Подготовка на новиот Граѓански закон
Се подготвува нов Граѓански законик што треба да донесе реформа на семејното право, прва поголема по безмалку пет децении. Со ова треба да се надминат многу правни недоречености и празнини за старателството по развод. Од Министерството за правда уверуваат дека по повеќе од 10 години, сакаат да го завршат процесот...

Наместо исклучување на еден од родителите, концепт на поделено родителство. Се подготвува новиот Граѓански законик со кој треба да се доуреди семејното право каде пет децении нема поголема реформа и да се надминат многу правни недоречености поврзани со старателството по развод.
„Родителите и понатаму продолжуваат заеднички и спогодбено да го вршат родителското право, тоа значи дека нема родител 1 и родител 2, родител со поголеми и родител со помали права, значи, и понатаму имаат еднакви права како и во бракот, и особено е важно што ја воведуваме можноста на поделено родителство, односно, родителите да се договорат, а судот да ја прифати таа спогодба, дека детето може да поминува еднакво или приближно еднакво време и кај двајцата родители“, изјави Дејан Мицковиќ, универзитетски професор.
Невладините сметаат дека опцијата на заедничко споделено родителство треба да биде единствен избор и што попрецизно да се регулираат односите за да не се прават злоупотреби.
„Тоа заедничко родителство мора да биде прва и единствена опција, инаку, џабе се менува законот зашто сите тие конфликти што сега постојат само ќе го сменат форматот, ќе се префрлат во суд и ако нема точна одредба што ќе се случи кога родителите нема да се договорат што понатаму, тогаш конфликтите ќе останат. Ако се остави законот да биде непрецизен и ако се остави на слободно толкување од институциите, тогаш не постигнале ништо“, изјави Наум Рибароски, здружение „Наши“.
Професорот Мицковиќ објаснува дека новините предвидуваат родителски план за прецизирање на работите и можност за медијација за надминување на несогласувањата.
„Во родителскиот план, родителите со помош на ЦСР треба да се договорат за сите важни прашања за детето. Значи, каде ќе престојува, колку време ќе престојува кај едниот, колку време ќе престојува кај другиот родител, какви ќе бидат контактите со родителот со кој детето не живее, понатаму, ги решаваме и прашањата околу издршката на детето што во пракса произведува многу проблеми. Така што, со родителскиот план практично ги затвораме сите отворен прашања за родителското право по разводот на брак“, изјави Дејан Мицковиќ, универзитетски професор.
Правните недоречености создаваат големи проблеми во пракса. Се случува родителот кому детето му е доверено на чување и воспитување да не ги почитува термините за видување со другиот родител, па и целосно да го отсече, а институциите се немоќни да постапуваат. На оваа правна празнина укажал и Европскиот суд за човекови права во Стразбур, но и по 10 години ништо не е променето.
„Тука родителот е едноставно беспомошен. Кажувам беспомошен зашто процедурата, како што и ние како полномошници ги советуваме странките, да пријават во центарот, во полиција за да може да се создадат услови за кривична постапка, за постапка пред центарот, но, тоа обично не дава резултат во краток рок, бидејќи се покажа дека всушност постои правна празнина и решенијата од ЦСР за остварување контакти и видување на детето со родителот со кого не живее, практично, нема инстанца која е надлежна тоа да го спроведе“, изјави Наташа Најденова-Левиќ, адвокатка.
Македонскиот закон за семејство датира од 1992 година и во неколку наврати се вршени корекции. Многу решенија од тој закон беа преземени од југословенскиот. За разлика од нас, сите земји од регионот донесоа нови закони.
Од Министерството за правда потврдуваат дека по една деценија, сакаат да го завршат процесот на носење нов Граѓански законик. Сепак, конечната верзија ќе се искристализира по стручните јавни расправи на кои ќе се презентира концептот, но ќе се слушнат и други мислења, коментари и забелешки, вклучително и на луѓето кои бараат заедничко родителство.
Мартин Пушевски
