Итен состанок на израелската влада, се носи одлука за напад на Иран
Итен состанок на израелската влада. Се носи одлука за одмаздничкиот одговор на иранскиот напад. Нема индикации за таргетирање нуклеарни постројки-уверува Вашингтон. Техеран соопшти дека ќе возврати. Наспроти плановите за одмазда, Израел ја продолжи проширената офанзива во Либан и Газа.

Израелскиот премиер Нетанјаху свика итен состанок на кабинетот. Се стеснуваат целите за планираниот одговор на иранскиот ракетен напад. Вашингтон уверува – нема индикации за таргетирање нуклеарни постројки, цел ќе бидат воени и енергетски инфраструктури. Техеран соопшти дека ќе возврати на секој израелски напад. Тензиите на Блискиот Исток растат од час во час. САД размислуваат да испратат нов противракетен систем во регионот додека се интензивираат нападите меѓу Израел и Хезболах преку сината линија. Блиски борби се водат и на копно.
„Имаше скриени терористи овде, во ова село. Битки лице в лице. Моите војници ги гледаат терористите во очи и се борат со нив на улиците“, изјави Јанив Малка, полковник на израелските одбранбени сили.
Во воздушен напад во јужен Либан погодени четворица волонтери на Црвениот крст. Во Газа – нови напади и цивилни жртви во Нусејрат и Џабалија.
„Ги бомбардираа додека тој и неговата сопруга беа во нивниот дом, безбедни, додека спиеја, загинаа сите негови деца. Сите беа избришани во еден миг“, рече Мохамад Абу Гали, брат на жртва.
„Пуштија летоци, ние заминавме да бараме безбедно место за престој, но овде нема безбедно место“, рече Саед Мохра, жител од Џабалија.
Францускиот претседател Макрон ги повика милитантите да престанат со нападите кон Израел. Иранскиот парламентарен спикер кој го посети Бејрут по смртоносните израелски напади вети поддршка за либанскиот и палестинскиот народ.
„Иран е подготвен да испрати помош за повредените, раселените луѓе под надзор на либанската влада, доколку владата создаде воздушен коридор до Бејрут“, изјави Мохамад Багер Калибаф, претседател на иранскиот парламент.
Во соопштението од Пентагон, по разговорот на американскиот секретар за одбрана Остин со неговиот израелски колега Галант, истакната непоколебливата поддршка на САД за Израел.
Бојана Крстевски
