Евроинтеграции

Опозицијата ќе го поддржи Мицкоски ако обезбеди поддршка за одложена примена на уставните измени

13.10.2024 14:49

Француски предлог плус – додека власта го подготвува писмото кое ќе го испрати во Брисел, опозицијата најави дека ќе го поддржи премиерот Мицкоски ако успее да обезбеди поддршка за одложена примена на уставните измени. Но, евроамбасадорот Рокас е дециден – тешко дека ќе биде прифатен предлогот, бидејќи проширувањето се заснова на едногласност.

СДСМ ќе даде поддршка за секое решение или подобра позиција која ќе ја договори Владата, но само ако тие решенија се реални и остварливи. Лидерот на партијата Филипче вели дека прво премиерот Мицкоски треба да ја обезбеди поддршката од сите земји-членки на ЕУ за уставни измени со одложена примена, за да има обединување во ставовите.

Членството во Европската Унија нема алтернатива, а проширувањето е најуспешната политика на Унијата, смета новиот евроамбасадор во земјава Михалис Рокас. Во првото интервју по преземањето на функцијата пред еден месец за МИА, вели дека го разбира предлогот на Владата за одложена примена на уставните измени, но нагласува оти пристапувањето е процес заснован на едногласност.

„Мое скромно мислење е дека тешко дека ќе биде прифатен, има став на ЕУ од 27 членки во овој поглед. Се разбира, од суштинско значење е да се осигураме дека сме свесни за овој контекст. Одлуката за уставни измени е суверена одлука на Владата и е многу важна, ние имаме огромна почит за тоа како Владата сака да продолжи понатаму и решенијата кои сака да ги постигне, но процесот е сосема јасен и тој може да биде веднаш и може да се одвива многу брзо и тоа што можам да го повторам е целосната посветеност за пристапување кон ЕУ, што ја вклучува и Северна Македонија“, изјави Рокас.

Дијалогот меѓу ЕУ и Македонија е двостран, а не со наметнати услови. Унијата има стандарди, критериуми и правила. Ние направивме многу, што ниту една земја од регионот, па и оние што претходно влегоа во ЕУ не го направија, вели за МТВ поранешниот амбасадор Марјан Ѓорчев. Смета дека предлогот на Владата за одложено дејство на уставните измени е издржан и применлив. Во однос на понудата на унгарскиот премиер Орбан да посредува меѓу Скопје и Софија, поранешниот амбасадор во Софија се согласува дека арбитражата во вакви случаи е пожелна.

Премиерот Мицкоски со писмо до европските институции ќе бара начин за откочување на европската интеграција. Најави дека ќе работи со Европската комисија и со партнерите за изнаоѓање достоинствено решение, согласно националните интереси.

Милчо Велески