Политика

Законот за правична застапеност прво на јавна дебата, па на Венециска комисија

13.10.2024 15:46

Прво јавна дебата, па Законот за правична застапеност ќе оди пред Венецијанската комисија. Власта не очекува злоупотреби во вакуум – периодот по укинувањето на балансерот. ДУИ предупреди на можни тензии, ВМРО-ДПМНЕ тврди дека интегративците ги злоупотребуваат етничките прашања.

Меѓународна пракса е да се бара мислење од Венециската комисија, вели вицепремиерот за добро владеење Фетаи, кој најави дека Законот за правична застапеност ќе се носи во транспарентна постапка со вклученост на сите засегнати страни. Тој не е загрижен за можни злоупотреби во вакуум-периодот што ќе настане во отсуство на балансерот, а додека се донесе законот. Вели, конечно ќе се добијат контролни механизми.

По одлуката на Уставен, ДУИ оценува дека се можни тензии. Партијата не исклучува ниту протести, ниту поддршка за законот за правична застапеност, под услов да ги гарантира правата на сите заедници.

ВМРО-ДПМНЕ го впери прстот кон ДУИ дека злоупотребуваат етнички прашања со цел дестабилизација, иако интегративците претходно се согласиле за укинување на балансерот.

Укинатиот балансер се применуваше од 2015 за да обезбеди правична и соодветна застапеност, но во пракса се покажа дека алатката често се злоупотребуваше.

 

Игор Панов