ЗЕМЈОДЕЛСТВО

Лиценци за проценители на тутун

14.10.2024 08:06

За да можат да бидат присутни на секоја вага за време на откупот на тутунот, проценителите мора да имаат лиценци. Пријавувањето за испитот траеше до 30-ти септември, а полагањето и проверката на стручноста ќе се врши во Институтот за тутун во Прилеп на 21-ви и 22-ри овој месец …

Кандидатите кои се пријавија за добивање на лиценци за проценка на тутунот, треба да посетуваат обука на 16-ти и 17-ми октомври и да добијат потврда од Институтот за тутун во Прилеп.

Полагањето ќе биде на 21 и 22 овој месец со претходна уплата за трошоците за обуката и за испитот.

Идните проценители мора да имаат завршено најмалку средно училиште.

Оние кои немаат соодветно образование треба да се производители на тутун најмалку во последните пет години и треба да достават документ или потврда за откуп на тутунот од претпријатието со кое склучувале договори.

Тутунарите кои немаат соодветно образование треба да приложат и потврда од фирмата за работно искуство во областа на технологијата за производство и обработка на тутун.

Со високо образование треба да имаат две, со вишо три, а со средно четири години работен стаж.

Според Законот за тутун на секоја вага каде што се врши откуп треба да има лиценцирани откупувачи за проценка на тутунот.

 

Методија Трајков