Побрзи процедури за лиценци за угостителска дејност и трговија со алкохолни пијалаци
Постапката ќе биде транспарентна и од денеска ќе може да се следи на веб-страницата на Министерството и секој субјект да знае кога точно ќе ја добие лиценцата...

За само четири дена ќе се вадат лиценци за вршење угостителска и туристичка дејност и за тргување со алкохолни пијалаци. Министерството за економија воведува нови процедури со кои двојно, или речиси тројно, ќе се забрза овој процес.
Постапката ќе биде транспарентна и од денеска ќе може да се следи на веб-страницата на Министерството и секој субјект да знае кога точно ќе ја добие лиценцата.
„Министерството за економија пропиша прецизна процедура за постапување по поднесените барања за издавање лиценци за вршење угостителска дејност и за продажба на алкохолни пијалоци со кои роковите за издавање лиценци се намалуваат од 15 на четири дена доколку документацијата е потполна. Во случај деловниот субјект да не поднел целосна документација или ако постојат формални недостатоци рокот е седум дена за добивање лиценца или решение за одбивање“, информира ресорниот министер Беким Незири.
Министерот појасни дека по пристигнувањето на барањето од деловниот субјект поставен е рок од три дена за решавање на предметот, а потоа изготвената лиценца се носи на потпис и четвртиот ден му се врачува на подносителот. Во случај поднесената документација да не е комплетирана деловниот субјект има рок од три дена да ја докомплетира со што вкупниот рок за издавање или одбивање на лиценцата се зголемува на седум дена.
Забрзувањето на постапката е особено значајно од причина што околу 700 од лиценците за продажба на алкохол истекуваат во септември, а уште 900 до крајот на годинава.
