Блиски Исток

Растат тензиите на Блискиот Исток, жестоки напади меѓу Израел и Хезболах

14.10.2024 11:50

Тензична ситуацијата на Блискиот Исток. Жестоки напади меѓу Израел и Хезболах. Жртви и повредени и на двете страни. Тел Авив изврши напади во централна Газа како одговор на милитантите од Либан кои со дронови погодија воена база во северен Израел. Нов инцидент и со мировниците на УНИФИЛ. Во исчекување на одмаздничкиот одговор на нападите од Иран, Техеран со предупредувања до Израел и САД …

Неколку часа пред договорениот прекин на огнот во Газа за вториот круг вакцинација против детска парализа, Израел изврши воздушни напади врз позиции на Хамас. Погодено училиште во Нусејрат, експлозии и во камп пред болницата „Ал Акса“. Има десетици жртви и повредени.

Сирени за тревога во Хаифа и експлозии над областа Кафар Кара откако Хезболах претходно со дронови погоди воена база во северен Израел во која загинаа четворица војници, a десетици се ранети. Дроновите не ги активирале сирените. Тел Авив води истрага.

„Ќе истражиме како леталото може без предупредување да пробие и да удри во база“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелските сили.

Во истовреме, нов инцидент со УНИФИЛ во јужен Либан. Израелски тенкови ја пробиле капијата на базата. Израел го потврди инцидентот. Велат-биле под оган додека тенковите се обидувале да ги евакуираат ранетите војници. Објавија видео од оружјето на Хезболах стационирано на 500 метри од базата на УНИФИЛ. Пред новинарите прикажани тврдењата.

„Многу е чудно како базата на ОН не ја виде оваа активност на Хезболах овде“, изјави Јифтах Нуркин, командант на 146-та дивизија на израелските сили.

УНИФИЛ не ја исполни резолуцијата 1701 на ОН-вели Израел и затоа операциите ќе продолжат. Апелираа мировниците да се преместат од областа.

„Ситуацијата станува се полоша и полоша. 27-те членки се согласија да бараат од Израел да престанат со нападите на УНИФИЛ, а за останувањето или неостанувањето на мировниците престанете да го обвинувате Гутереш, затоа што Советот за безбедност е тој што ги носи ваквите одлуки, а не тој лично, изјави Жозеп Борел, висок претставник на Унијата за надворешни работи.

По најавите на Тел Авив за одмаздничкиот одговор на Иран, Техеран дециден дека нема да има црвени линии во одбраната.

„Постои можност за конфронтација против израелската агресија. Исламската Република е подготвена за војна доколку е потребно, но ние сме подеднакво подготвени и за мир“, изјави Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.

Иран ги предупреди САД да ги задржат своите воени сили надвор од Израел, откако Вашингтон најави испраќање на нов противракетен систем во регионот.

 

Бојана Крстевски