Кина со воени вежби во близина на Тајван, за западот потегот е неоправдан
Тајванскиот претседател уверува дека се соодветно подготвени за справување со заканата на Кина...

Жителите на Тајван се разбудија опкружени со кинески борбени авиони и бродови. Армијата на Кина повторно почна воена вежба во близина на островот. Пораката, велат е јасна – строго предупредување до сепаратистичките сили. За Тајпеј најновите вежби се ирационална провокација. Министерството за одбрана соопшти дека ги набљудува кинеските закани, и оти ќе направи сè за избегнување на ескалација. Мобилизирани се морнарицата, воздухопловните сили и ракетниот корпус. Тајванскиот претседател уверува дека се соодветно подготвени за справување со заканата на Кина.
„Оваа ирационална и провокативна воена вежба на Кинеската комунистичка партија не ја загрозува безбедноста само во Тајванскиот теснец, таа е закана и на меѓународниот поредок заснован на правила. Министерството за одбрана будно ја следи состојбата на море и во воздух. Ќе преземе соодветни мерки за одговор, доколку е потребно“, изјави Су Ли Фанг – портпарол на Министерството за одбрана на Тајван.
Воените вежби доаѓаат ден по говорот на претседателот на Тајван кој застана во одбрана на суверенитетот на островот. Но, за Пекинг, Лаи-Чинг-Те е сепаратист. Кинеските власти излегоа со соопштение – вежбите „Заеднички меч-2024Б“ се строго предупредување за сепаратистичките активности на силите за тајванска независност. Од Вашингтон предупредуваат дека потегот на Кина е неоправдан и претставува ризик за влошување на состојбата. За жителите на островот, вежбите на кинеската армија се секојдневие. Велат, немаат никакво влијание врз општеството во Тајван.
„Не се грижам и не ме фаќа паника. Тоа нема никакво влијание врз нашето општество.“
„Тајван сега е многу стабилен, навикнат сум на воените вежби на кина. Вакви провокации ни се закануваат уште од откако бев дете. Навикнат сум на тоа“, велат жители на Тајпеј.
Ова се четврти големи воени вежби на кинеската армија во последните две години. Демократски управуваниот Тајван е под постојан воен притисок од Пекинг. Не изостануваат ниту кинеските закани за употреба на сили која ќе доведе до контрола на островот.
Маја Стојанова
