Македонија

Скопското кале ќе биде активна туристичка атракција, најави Љутков

14.10.2024 12:49

Ревитализација на скопското Кале, најави министерот Љутков. Универзалната сала ќе биде готова до 2028-тата. Предметот за трансфер од Град Скопје на министерството е во раце на Обвинителството…

На скопјани ќе им се врати Универзалната сала до 2028 година и ќе биде дел од европска престолнина, уверува министерот за култура. Предметот е во рацете на Јавното обвинителство.

Околу трансферот од Град Скопје на министерството, констатирани се бројни прекршувања на позитивните законски прописи и во постапка на преземање на реконструкцијата на Универзална сала и во постапките за спроведување на јавните набавки. Министерот ги презентираше дел од наодите од извештајот на работната група.

Долгови за неисплатени плати, девастирани и неосигурани институции со раководства без стратегија, проекти без утврдени приоритети и динамика за реализација, скратени средства за програмски активности, инвестиции сведени на минимум. Министерот со отчет за сработеното во изминатите 100 дена. За сите институции од културата имало тотална негрижа изминативе години, обвинува Љутков.

Сега се гледаат приоритетите. Објектите кои биле започнати во 2011 – 2012 година по промената на власта од 2017 сите се стопирани и ниеден објект не е продолжен да се работи со интензитет, таков, за да може да се заврши. Во наредните години ќе се завршуваат тие објекти, а Драмски театар ќе добие нов театар до 2026 година. Но, во моментов се санираат последиците од дождовите и ќе се ревидира проектот од 2017 година.

Министерот Љутков за следната година најави реализација на повеќе значајни проекти, меѓу кои и ревитализација на скопското Кале, за што е формирана комисија, а обезбедени се и пари од Управата за заштита на културно наследство.

 

Ана Јосифоска