Пешевски на средба со кинескиот амбасадор Вен

17.07.2014 13:51

Народна Република Кина е значаен трговски партнер која во последните неколку години постојано се наоѓа на листата на 20-те земји со кои Република Македонија остварува најголем обем на трговска размена...

Заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања Владимир Пешевски, денес оствари средба со новоименуваниот амбасадор на Народна Република Кина во Република Македонија, Зеншун Вен.

Вицепремиерот му посака добредојде на новиот амбасадор, со желби за успех во работата и продолжување на успешната работа на неговите претходници, соопштуваат од кабинетот на Пешевски.

Соговорниците со задоволство ги поздравиле билатералните односи помеѓу двете земји, повеќегодишното пријателство одбележано со динамична успешна соработка, потенцирајќи ја трговската размена со НР Кина.

Народна Република Кина е значаен трговски партнер која во последните неколку години постојано се наоѓа на листата на 20-те земји со кои Република Македонија остварува најголем обем на трговска размена, а во 2013 година е на 8 место со 4,4% учество во вкупната трговска размена на нашата земја.

За време на средбата, се дискутирало за големите инфраструктурни проекти, кои се во фаза на реализација, односно проектите за изградбата на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид, каде се ангажирани кинески компании. Воедно се разговараше и за потенцијалните инвестиции во енергетските проекти.

Двете страни изразиле желби за понатамошен поттик за промоција на инвестициите, економската соработка помеѓу двете земји и зголемување на трговската размена.