Буџет 2025

Платите во образованието и здравството приоритет во Буџетот за следната година

14.10.2024 15:02

Или до среда (16-ти октомври) или кон крајот на месецот Предлог-буџетот за 2025 година ќе се најде на владина седница, рече денеска министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочовска. Таа изјави дека буџетот е во рамки на фискалната стратегија, а приоритет за покачување на платите ќе имаат образованието и здравството...

Медицинско-техничкиот персонал и вработените во образованието ќе имаат приоритет при покачувањето на платите. За нив ќе има пари во Буџетот за следната година. Но министерката не ја исклучува можноста да бидат проектирани средства и за други вработени во различни сектори.

Буџетот за идната година најверојатно до крајот на месецот ќе се најде на владина седница. Законскиот рок е 15-ти ноември. Контурите на Буџетот се во рамки на фискалната стратегија.

Покачување на платите од пет отсто за вработените од основното и средното образование најавија викендов премиерот Мицкоски и претседателот на СОНК, Неделков. Премиерот изрази задоволство што станува збор за долгорочен договор за подобрување на финансиската состојба на просветните работници.

 

Александра Велинова